Паѓаат цените на нафтата

Цените на нафтата се лизнаа во средата на меѓународните пазари, откако Меѓународната агенција за енергетика (IEA) објави дека побарувачката во развиените земји оваа година ќе биде послаба поради постојаната инфлација.

Цената на барелот на лондонскиот пазар падна за 54 центи, на 81,84 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по цена пониска за 50 центи, по 77,52 долари.

Во средата, IEA ја намали проценката за растот на побарувачката на нафта во 2024 година за 140.000 барели дневно, на 1,1 милион барели дневно, главно наведувајќи ја слабата побарувачка во развиените земји на OECD. Побарувачката на нафта во овие земји се намали во првиот квартал од оваа година, додава IEA.

Поддршка за цените дојде од падот на залихите на сурова нафта во САД минатата седмица, за 3,1 милиони барели. Рафинериите го зголемуваат обемот на преработка за да ја задоволат зголемената побарувачка на гориво пред пикот на летната сезона на патувањата на северната хемисфера. Залихите на бензините паднале за 1,27 милиони барели, а на дериватите се зголемиле за 673 илјади барели.

Официјалните податоци на американската влада за залихите ќе бидат објавени подоцна во средата и најверојатно ќе го потврдат падот на залихите на сурова нафта.

Податоците за американскиот индекс на потрошувачки цени (CPI) ќе бидат објавени подоцна во среда и треба да дадат појасна индикација за тоа дали американската централна банка Fed, може да ги намали каматните стапки, што би можело да ја поттикне економијата и побарувачката за гориво.

Цените на нафтата беа донекаде помогнати од послабиот американски долар.

15.05.2024 - 18:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега