Груевски се сретна со Ал Касими: Да се интензивираат економските односи на двете држави

Во рамките на посетата на Обединетите Арапски Емирати, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска престојува во Емиратот Абу Даби каде имаше средба со министерот за меѓународна соработка и развој на ОАЕ, Шеиката Лубна Бинт Калид Ал Касими, која што оваа година е добитник на награда на Клинтоновата глобална иницијатива.

Двете страни ја истакнаа посветеноста за градење на дијалог помеѓу двете земји кој ќе води кон унапредување на взаемните односи.

Беше истакнато дека паралелно со политичките односи, Република Македонија и ОАЕ треба да работат на интензивирање на економските односи.

-На средбата стана збор за опциите за соработка на конкретни инфраструктурни проекти, во делот на можностите за заедничка соработка во изградба на комунална и образовна инфраструктура, како и можностите за соработка во областа на туризмот и земјоделството. За оваа цел беше договорено нашите институции да преземат чекори за воспоставување на комуникација и односи со Фондот за развој на Емиратот Абу Даби, со кој што субјект би се разгледувале проекти од наведените области и би се детализирале можностите за соработка. Соговорниците разговараа за предизвиците произлезени од мигрантската криза и за можностите за нивно менаџирање и надминување, при што беше истакнат заедничкиот став дека најдобар начин за надминување на тие предизвици е координирано и заедничко дејствување на меѓународната заедница, соопштуваат од Владата.

Двете страни разговараа и за други теми од билатерален и мултилатерален карактер.

-Имавме извонредна прилика да се сретнеме со првиот човек на министерството за меѓународна соработка и развој и да разговараме за соработката меѓу Македонија и ОАЕ и за можностите во иднина. Јас ја претставив Република Македонија и она што ние го правиме на план на економија, земјоделство, обрзование, здравство...Прикажав што се случува кај нас со бегалската криза, а од друга страна се интересиравме за можностите за соработка што ги има оваа институција која помага во многу страни во светот, во различни проекти поврзани со инфраструктура, изјави премиерот Никола Груевски по средбата.

Министерството за меѓународна соработка и развој на ОАЕ е координатор на развојните проекти кои се поддржуваат со финансиските средства од страна на ОАЕ, во вредност од повеќе милијарди американски долари на годишно ниво.

 
 
27.10.2015 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега