Кабинетот на Иванов демантира: Буџаку не е отповикан

Македонскиот амбасадор во Франција Агрон Буџаку е отповикан од претседателот Ѓорге Иванов поради истекот на дополнителниот продолжен мандат, велат за МИА од кабинетот на претседателот. 

Претседателот Иванов, согласно законските процедури, на 19 овој месец донел указ за отповикување на Буџаку. Во членот 2 од Указот стои: Должноста на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Француската Република престанува заклучно со 04.12.2015 година.

На барање на Министерството за надворешни работи, а согласно измените на Законот за надворешни работи, на 28 октомври 2013 година, претседателот Иванов дал согласност за продолжување на мандатот на амбасадорот Буџаку до 4 декември 2015 година.

Указот за отповикување на амбасадорот Буџаку, како што посочуваат од Кабинетот на Иванов, е донесен пред гласањето на Генералната конференција за прием на Косово во УНЕСКО, со што се демантираат шпекулациите за евентуална тенденциозност и поврзаност на овој настан со престанокот на мандатот на амбасадорот Буџаку.

Буџаку беше поставен за амбасадор на Македонија во Франција со Указ што Иванов го потпиша на 27 октомври 2009 година. Исто така, со Указ на претседателот од 15 март 2011 година, Буџаку беше поставен на функцијата Амбасадор на Република Македонија во Мароко, со седиште во Париз и со Указ од 28 јуни 2011 година беше именуван и за амбасадор во Португалија, со седиште во Париз

 
 
27.10.2015 - 13:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега