Нема заразни заболувања во поплавените подрачја - еве каде е небезбедна водата за пиење

Во моментот нема појава на заразни заболувања во сите поплавени региони во државата. Водата за пиење не е безбедна во Штип, Пробиштип, Неготино, како и во селските подрачја каде поради заматување и физичко-хемиска неисправност, по препорака на центрите за јавно здравје е забранета од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Ова денеска пред Министерството за здравство го изјавија раководителот на Секторот за превентивна здравствена заштита, Јованка Костовска и специјалистот по хигиена од Институт за јавно здравје, Михаил Кочубовски, 

Кочубовски посочи дека граѓаните во поплавените подрачја се снабдени со спакувана вода, а има и донации. Во местата каде е забранета водата за пиење има цистерни за вода за пиење. 

- Флаери со препораки за населението во поплавените подрачја се диструбуираат преку центрите за јавно здравје и се изработени од Институтот за јавно здравје на Република Македонија во соработка со Министерството за здравство. Посочи дека на флаерите има препораки за населението каква вода да се пие, рече Кочубовски.

Во флаерите, појасни, се дадени препораки како да се зачува здравјето, како да се подготвува храна, како да се одржува личната и колективната хигиена, и како да се употребува водата за пиење

- Треба да се пие само безбедна вода за пиење, онаму каде не е прогласено дека таа вода е забранета заради заматеност или физичко-хемиска или бактериолошка неисправност. Во флаерите се дадени не само препораки за безбедна вода за пиење, туку и како да се одржува личната хигиена и да се консумира безбедна храна. Во овие подрачја имаме и пластеници каде се произведува овошје и зеленчук и се препорачува добро да се измие со безбедна вода и потоа да се консумира, потенцира Кочубовски.

Подготвивме, нагласи, и информација доставена до здравствените домови, до Министерството за здравство и до Светската здравствена организација каде укажуваме дека треба кога ќе помине првиот бран брзо да се направи дезинфекција на детските градинки, на основните и средните училишта како и на здравствените установи.

- Центрите за јавно здравје веќе имаат такви средства преку Министерството и нарачуваат дополнителни количини. Со помош на СЗО во постапка е обезбедување количини таблети за дезинфекција на водата за пиење. Такви таблети во два наврати во минатото имаме обезбедено и преку центрите за јавно здравје ќе бидат дистрибуирани, додаде Кочубовски.

Жарко Караџовски, специјалист епидемиолог од Институт за јавно здравје истакна дека по исушување на земјиштето каде има поплавени подрачја треба да се наложи спроведување на нивна дезинсекција затоа што во март треба да почне првото прскање против комараци.

- Имаме контакт со центрите за јавно здравје за едукација и информација на населението, во прв ред едукација на загрозените подрачја каде имаме проблем со водоснабдувањето, а за таа цел е изготвен флаерот, посочи Караџовски.

Костовска рече дека експерти од Институтот за јавно здравје и претставници од Министерството биле на терен и ги посетиле поплавените области, Чешиново Облешево и битолскиот регион. 
 
- Целта на посетите беше навремено да се дадат препораки со цел заштита на здравјето на населението посебно од заразни заболувања. Беа одржани состаноци со здравствените установи каде им беа наложени сет мерки. Со цел заштита на здравјето на населението и со цел спречување на појава на потешки животно загрозувачки состојби, екипи од здравствените домови во Кочани и Битола постојано ќе бидат на терен во поплавените подрачја ќе го прегледуваат населението, ќе се консултираат во врска со нивните проблеми, појасни Костовска.
 
Нагласи дека во Облешево е воспоставен тим лекар-сестра кој ќе работи секојдневно од 10 до 14 часот.
 
- Целта ни е во овој момент да превенираме тешки загрозувачки состојби и навремено да спречиме појава на заразни болести. Наложени се многу препораки посебно на центрите за јавно здравје. Во моментот нема појава на заразни заболувања во сите поплавени региони, додаде Костовска.
МИА
 

 

Оцени ја веста

03.02.2015 - 15:42
Фото: 
вести.мк

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега