Се стабилизира состојбата со поплавите во прилепско

Кризниот штаб на Општина Прилеп на денешниот состанок ја анализирал состојбата со поплавите во дел од општината.

Било посочено дека состојбата се смирува, но оти надлежните и населението се подготвуваат за евентуални нови водени стихии имајќи ги предвид најавите за нови дождови. 

 

Градоначалникот Марјан Ристески изјавил дека водата во поплавените подрачја се повлекува, но оти остануваат подготовките за новиот бран дождови. Ангажирани се преку двесте војници и вработени од јавните претпријатија кои полнат вреќи песок и денеска ги поставуваат крај Црна Река кај Тројкрсти, Чепигово и Тополчани.

Водата се повлекува во речиси сите населени места кои беа опфатени од поплавите. Нивото и на градска река е спуштено.

- Спуштањето на нивото на Црна Река за 20 до 30 сантиметри може да биде и лажно бидејќи доаѓаат нови води од топењето на снегот. Се работи на дочистување на она што го донесе водата. Има многу инфраструктурни општетувања, на патишта, коловози, банкини, мостови. Имаме информација дека има оштетувања на браната на помалата акумулација во селото Чаниште. Штом се повлече стихијата, ќе се санираат штетите, рекол Ристески.

Општината максимално ќе ја ангажира комисијата за процена на штетите.

- Има комисија која ќе ги посети граѓаните кои имаат штети за да се направат записниците и да се обештети. Среќа во несреќа е дека нема многу оштетувања во куќи. Се спасија домовите во Тополчани, а беше најкритично во селата Клепач, Кадино Село, Мало и Големо Коњари. Секаде сега има електрична енергија, додал Ристески.

Според надлежните од Центарот за јавно здравје нема никакви проблеми за сите кои користат вода за пиење од регионалниот водовод „Студенчица“. Секаде каде има бунари, препораката е водата да се преврива или да се користи од шишиња. Нема нови регистрирани заразни заболувања, информира Горан Кузески од Центарот за Јавно здравје, но треба да се внимава.

- Треба да се почека периодот на инкубација за да се види дали ќе има појава на цревни заразни заболувања. Останува препораката за превривање на водата. Земени се примероци на вода од бунарите во населените места и резултатите се очекуваат во текот на утрешниот ден за да се знае колку и дали е исправна таа вода за пиење, изјавил Кузески. 

 

 

 

 

Оцени ја веста

03.02.2015 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега