Николовски со писмо до Пендаровски, очекува приоритетно потпишување на донесените законски измени за земјоделство

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски писмено и телефонски го информирал претседателот на државата Стево Пендаровски дека во Собранието поминаа измените на Законот за земјоделство и рурален развој со кои на тутунопроизвподителите ќе им бидат исплатени 1,3 милијарди денари.

Николовски се надева, како што објави на својот Фејсбук профил, дека овој, но и идните земјоделски закони ќе станат пример за конструктивност и политичка култура, наместо симбол на кочење, блокади и политички пресметки.

– Благодарност до претседателот Стево Пендаровски кој истакна дека одблиску ја следел целата дебата и случувања поврзани со законското решение, како и дека потпишувањето на овој Закон од негова страна ќе биде со врвен приоритет. Искрено се надевам дека овој, но и идните сетови закони предложени од страна на Министерство за земјоделство кои земјоделците долго ги очекуваат за да ги остварат своите права, ќе станат пример на конструктивност и политичка култура, наместо симбол на кочење, блокади и политички пресметки за освојување на власта што оди на директна штета на македонскиот земјоделец, а со тоа и на сите граѓани, напиша Николовски.

Тој во целот го објавува писмото до Пендаровски преку кое, од името на засегнатите земјоделци, апелира претседателот да даде приоритет во потпишувањето на овој Закон со што забрзано ќе се овозможи исплатата на заслужената поддршка и на финансиски средства за стимулација на земјоделците и земјоделското производство во вакви кризи времиња.

– Во овој клучен период се носат исклучително важни закони за нашите сограѓани земјоделци и традиционалните земјоделски семејства. И покрај повеќемесечното кочење и блокирање на овие важни закони предложени од Владата, барем за момент покажавме дека доколку заедно на прво место ги поставуваме приоритетите на граѓаните, наместо теснопартиските интереси, може да се носат разумни одлуки од кои полза има целото македонско општество. Моето лично убедување, кое неколку пати и директно го истакнав пред пратениците и Собранието, е дека токму ова е наша основна работа како политичари – постојано да го штитиме и застапуваме интересот на сите граѓани. Во овој период на економска, енергетска и потенцијална криза за храна, во соработка со земјоделците, нивните здруженија и експертската јавност, носиме навремени одлуки со кои ги антиципираме тековните и идни предизвици поврзани со поддршка на производството на стратешки важните земјоделски култури, подвлекува министерот во писмото

31.05.2022 - 14:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега