Народната банка преку соопштение до јавноста уверува дека банкарскиот систем во Македонија е стабилен.
Оттаму велат дека одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на АЛТА банка АД Белград се однесува само на работењето на банката во Србија и сама по себе не значи автоматско одземање на дозволата на АЛТА банка АД Битола.
-Домашната банка е самостојно правно лице, основано и регистрирано во Република Северна Македонија, чие работење се оценува согласно домашната законска и регулаторна рамка. Народната банка, како надлежен супервизор ја следи состојбата и постапува во согласност со законските одредби. Народната банка ги следи и сите околности што можат да влијаат врз работењето на домашната банка, вклучително и ризиците што произлегуваат од нејзината сопственичка поврзаност. Во рамките на своите законски надлежности, Народната банка соодветно постапува и соработува со надлежните домашни и странски институции, со почитување на законските правила за доверливост на супервизорските информации, се вели во соопштението од НБРМ.
Во однос на стекнувањето квалификувано учество во банка, Народната банка потсетува дека согласност се издава врз основа на сеопфатна постапка, во којашто се ценат законски утврдените критериуми, а врз основа на официјално достапните податоци.
-Народната банка апелира до јавноста да се потпира на официјални и проверени информации и да не донесува заклучоци врз основа на непотврдени тврдења и шпекулации. Народната банка ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата и да постапува независно, професионално и исклучиво во согласност со своите законски надлежности, во интерес на сигурноста на банкарскиот систем и заштитата на депонентите, се вели во дописот.

