Премиерот Христијан Мицкоски очекува Самитот на Берлинскиот процес, што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, да донесе силни пораки за европската интеграција на Западен Балкан, суштински дискусии и конкретни резултати.
Пред почетокот на самитот, Мицкоски оцени дека Македонија одамна ги заслужила европските перспективи, но сè уште не ги започнала пристапните преговори со Европската Унија поради, како што рече, вештачки причини.
„Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека во своето обраќање ќе ја истакне посветеноста на македонската Влада на реформската агенда и на европската интеграција, нагласувајќи дека земјата ќе продолжи да работи во таа насока.
Премиерот изрази надеж дека разговорите во рамки на самитот ќе бидат суштински и ќе резултираат со конкретни и плодни резултати. Тој се осврна и на актуелните глобални предизвици, меѓу кои ги посочи војната во Украина, конфликтот со Иран, нестабилноста на финансиските пазари и протестите низ Европа, оценувајќи дека се потребни заеднички напори за надминување на кризите.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на собирот, на кој лидерите од Западен Балкан разговараат за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзувањето на европската интеграција. На самитот учествува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој ја поддржува европската перспектива на земјите од регионот.
Самитот е завршен настан на црногорското претседавање со Берлинскиот процес. Програмата предвидува пленарна сесија под наслов „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“, а меѓу главните теми се економскиот раст, конкурентноста, безбедноста и зелената и одржлива транзиција.
Берлинскиот процес беше покренат во 2014 година, на иницијатива на Германија и тогашната канцеларка Ангела Меркел, со цел да се зајакне регионалната соработка и да се забрза евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.


