Сопствениците на станови и деловни простории во згради ќе добијат поедноставена можност да го приватизираат државното земјиште под објектите, предвидуваат измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште што денеска се разгледуваат во Собранието.

Со предложеното решение, етажните сопственици ќе можат да го приватизираат земјиштето што во Катастарот е заведено како земјиште под зграда, без да доставуваат геодетски елаборат за формирање градежна парцела.

Се уредуваат и случаите кога на една градежна парцела има повеќе објекти со различни сопственици, при што државното земјиште ќе може да се приватизира во сосопственост, а надоместокот ќе се распределува меѓу сопствениците согласно законските критериуми.

Со измените повторно се отвора и рок од една година за поднесување пријави до Катастарот за претворање на правото на користење на одредено неизградено градежно земјиште во право на сопственост.

Предлог-законот, кој го поднесе Владата, денеска е на дневен ред на собраниските комисии за финансирање и буџет и за законодавно-правни прашања во прво читање.

Exit mobile version