Последните синдикални податоци покажуваат дека 33 отсто од работниците во Македонија преживуваат со плата под прагот на сиромаштија, односно од вкупно 540.000 вработени, околу 180.000 лица примаат помалку од 31.200 денари месечно, соопшти Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

Според партиските наводи, овие граѓани секојдневно работат и вложуваат труд, но немаат средства за достоинствен живот.

„Потрошувачката кошничка е над 70 илјади денари а со стан оди и над 90 илјади денари. Ниту три плати не се доволни да се покријат основните животни трошоци“, изјави Цветаноски, додавајќи дека работниците во земјата „едвај врзвуваат крај со крај, со најниски плати во Европа“.

Од СДСМ истакнуваат дека реалноста е резултат на одлуките на премиерот Христијан Мицкоски, чии наводи за економски раст биле демантирани и од Светската банка, која заклучила дека македонскиот стандард е на третина од европскиот.

Од партиската говорница беше потенцирано дека доколку бил прифатен предлогот на СДСМ за минимална плата од 600 евра, овие лица немале да останат под прагот на сиромаштија.

„Но, арамијата Мицкоски и неговата влада го одбија предлогот. Одбија да им помогнат на работниците, одбија да им биде вреднуван трудот. Имаат 5.5 милиони евра за една вечер за диџеј, имаат за тендери и провизии, немаат пари за работниците“, нагласи Цветаноски.

Дополнително, од опозициската партија предупредија за сериозни буџетски дупки – 900 милиони евра во буџетот и околу една милијарда евра за пензиите. Според нивните обвинувања, за само две години државниот долг е зголемен за околу 4 милијарди евра, додека годишните трошоци за камати достигнале 350 милиони евра.

Exit mobile version