СДСМ под раководство на Венко Филипче се сведе на партиски рејтинг од 5 проценти и изрази задоволство по поразот од 4 спрема 1 од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Брвеница, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на прес-конференција.

Според Манасиевски, опозициската партија се наоѓа во незавидна положба на политичката сцена по последните изборни циклуси.

„СДС со Филипче дојде до стадиум да се радуваат и да го прикажуваат како успех резултатот дека се четврта партија на избори. СДС со Филипче се четврта партија во Куманово и Брвеница, а петта во Скопје“, рече Манасиевски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на последните мерења на јавното мислење во однос на популарноста на лидерот на СДСМ.

„На последните анкети кои излегоа во јавноста, само Филипче е претседател на партија кој има драстично понизок рејтинг од самата партија“, истакна тој.

Манасиевски упати прашања до претседателот на опозициската партија во врска со неговото отсуство од јавноста и ветувањата за објавување анкети.

„Дополнително, каде е Филипче да излезе во јавноста по историскиот успех што го направија во неделата? Каде се анкетите на Филипче кои велеше дека ќе ги обзнани во јавноста до крајот на минатата недела? Каде е Филипче, на јахта или на Харис Џиновиќ во Дубаи?“, праша портпаролот.

На крајот од прес-конференцијата, Манасиевски упати иронична порака до лидерот на СДСМ за идните изборни соочувања.

„Без разлика што Филипче направи вакви историски успеси во СДС, ВМРО-ДПМНЕ апсолутно му дава поддршка на Венко Филипче и му посакуваме и натаму да нижи вакви одлични резултати како на последните предвремени локални избори“, заклучи Манасиевски.

Exit mobile version