Уставниот суд ја отфрли иницијативата поднесена од СДСМ во врска со Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, со која се прави обид за замолчување на опозицијата околу прашањето за увоз на странска работна сила, изјави денеска Александар Наумоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

Според Наумоски, оваа одлука на Уставниот суд доаѓа непосредно по изјавите на високите претставници на власта за ангажирање дополнителни работници од странство.

„Два дена по најавата на Александар Николовски за нови 50.000 странски работници годишно и еден ден по изјавата на Мицкоски дека таа бројка може да биде многу поголема, над 100.000. Дали треба повеќе објаснувања? Не. На граѓаните им е јасно се“, рече Наумоски на прес-конференцијата.

Тој посочи дека се прави обид за воведување цензура во моментите кога опозицијата отвора прашања за економските политики на Владата.

„Кога СДСМ поставува прашања има обиди да се замолчи, да се воведе цензура, а кога Мицкоски и Николовски најавуваат 50 или 100 илјади ‘економски работници’ – тоа е економска потреба“, истакна членот на ИО на СДСМ.

Од партијата објаснуваат дека иницијативата била поднесена поради прекршување на уставните права и меѓународните конвенции.

„СДСМ ја поднесе иницијативата затоа што со Резолуција се повредува член 16 од Уставот, кој ги гарантира слободата на говорот, јавниот настап, мислата и јавното изразување, како и забраната за цензура. Како и член 10 од Европската Конвенција за човекови права. Тоа беше суштината на нашето барање. Што добивме, што добија граѓаните? Политичко толкување“, изјави Наумоски.

Наумоски додаде дека оваа одлука се случува во период кога Европската комисија нотира притисоци во правосудниот систем, но нагласи дека СДСМ нема да престане да поставува прашања до Владата.

„Колку ‘странски работници’ договориле Мицкоски и Николовски? Дали е тоа причината зошто не се покачуваат платите на македонските работници? Ова се вистинските прашања. Владата има обврска да одговори. СДСМ ќе продолжи да бара одговори и да се спротивставуваме на секој обид за цензура и партиска контрола врз институциите“, заклучи Наумоски.

Exit mobile version