Од Нова година се најавува нов бран поскапувања со повисоки сметки за електрична и топлинска енергија, што ќе претставува дополнителен удар врз семејните буџети, алармираше денеска потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, на прес-конференција.
Според изнесените податоци од СДСМ, МЕПСО бара зголемување на тарифата за пренос на струјата од јануари 2027 година, а се најавува и трето поскапување на парното греење во текот на оваа година.
Од опозициската партија посочуваат дека трошоците за живот од јануари досега се зголемени за 4.000 денари, додека вкупната синдикална потрошувачка кошничка во октомври надмина 70.000 денари, а за домаќинствата со кирија изнесува над 90.000 денари.
Тренчевска истакна дека на работниците им соодветствуваат најниски плати во Европа, каде од вкупно 540.000 вработени во државата, околу 180.000 лица примаат плата под 31.200 денари, додека минималната плата е замрзната на 26.000 денари. Овие бројки покажуваат дека 33 проценти од работниците се под прагот на сиромаштија.
Од СДСМ упатија директни критики и обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски за одбивањето на нивните економски предлог-мерки.
„До ова дно ги донесе Мицкоски. Одби да ја покачи минималната плата на 600 евра. Ја одби секоја мерка на СДСМ за да им помогне на граѓаните да се справат со овие ценовни шокови“, изјави Тренчевска.
Од партијата дополнително реагираат и на најавите за увоз на странски работници на домашниот пазар на труд.
„Наместо да ги зголеми платите арамијата Мицкоски размислува за увоз на економски работници како евтина работна сила. Николовски вели 50.000 економски работници, а Мицкоски зголемува на над 100.000. Ова е смислена политика, ова е одлука“, наведуваат од опозицијата.
Од опозициската партија забележуваат и дека во последниот ребаланс на буџетот не се предвидени средства за покачување на минималната плата, ниту за помош на земјоделците.
„И во новиот ребаланс нема повисока минимална плата, нема 600 евра за работниците, нема мерки, нема помош за земјоделците. Има долгови, високи камати, а сметката ќе ја плаќаат граѓаните и идните генерации“, стои во соопштението од прес-конференцијата на СДСМ.


