Започна целосната реконструкција на улиците „Бутелска“ и „Радишанска“ во општина Бутел, проект што, според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, е исполнување на ветувањето дадено пред граѓаните.
Како што информира Ѓорѓиевски, заедно со градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, уште во предизборниот период најавиле дека двете улици ќе бидат целосно реконструирани во текот на неговиот мандат.
Со градежните активности, кои веќе се во тек, се предвидува поставување нов асфалт, изградба на тротоари и поставување атмосферска канализација. Целта е да се подобрат условите за движење, безбедноста на пешаците и инфраструктурата во овој дел од општината.
Покрај реконструкцијата на двете улици, во Бутел се реализираат и други инфраструктурни проекти. Во тек е изградбата на мега-парк со површина од 86.000 квадратни метри, а најавени се и активности за изградба на кружен тек и уредување на речното корито на Серава.
Ѓорѓиевски посочува дека започнатите проекти се дел од заложбите за подобрување на условите за живот на жителите, нагласувајќи дека активностите во општината ќе продолжат и во наредниот период.


