Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на Амбасадорскиот совет, каде што се сретна со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија во странство.
На состанокот беа разгледани актуелните предизвици и можностите за понатамошно унапредување на дипломатската мрежа на земјата.
„Денес имав чест да учествувам на Амбасадорскиот совет, заедно со шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство“, истакна Мицкоски.
Премиерот посочи дека средбата била корисна платформа за анализа на досегашните искуства и идни чекори.
„Советот беше одлична можност за размена на искуства, отворена дискусија за актуелните предизвици и согледување на можностите за понатамошно унапредување на нашата дипломатска активност“, изјави тој.
Во фокусот на разговорите биле зајакнувањето на надворешнополитичките односи и промоцијата на државните интереси.
„Особено значајни беа разговорите за зајакнување на меѓународната соработка, промовирање на интересите на Република Македонија и создавање нови можности за нашите граѓани и за нашата земја“, порача Мицкоски.


