Септемвриската пензија, која на пензионерите ќе им биде исплатена во текот на месец октомври, ќе биде повисока, а најавите од властите се дека ова зголемување треба да донесе олеснување за највозрасната категорија граѓани.

За разлика од изминатиот период кога се применети неколку линеарни покачувања, следното усогласување ќе се пресметува процентуално и ќе зависи од висината на месечните примања. Тоа значи дека пензионерите нема да добијат идентичен износ во денари, односно оние со повисоки пензии ќе добијат и поголемо покачување.

Точниот процент за усогласување сè уште не е официјално утврден, бидејќи се чекаат финалните релевантни економски показатели кои влегуваат во пресметката.

Според податоците на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ), во периодот од септември 2024 до март 2026 година, вкупното линеарно зголемување изнесувало околу 7.000 денари месечно по пензионер.

Паралелно со најавите за новото усогласување, од ВМРО-ДПМНЕ неодамна порачаа дека Владата останува на ставот и нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање.

Exit mobile version