Вкупно 12 пожари на отворен простор се регистрирани денеска до 13:00 часот, од кои осум се сè уште активни, а четири се целосно изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Состојбата со активните жаришта по региони е следна:
- Општините Прилеп, Новаци и Могила: Активен е пожарот кај селото Чаниште, со краци кои се шират кон селата Крушевица, Лопатица, Црна Река, како и кон с. Орле (Општина Новаци) и с. Мојно (Општина Могила), каде што гори ниска вегетација.
- Општина Крушево: Пожарот опфаќа ниска вегетација и деградирана дабова шума во атарот на селата Белушино и Јакреново.
- Општина Студеничани: Мешана шума гори на потегот меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер.
- Општина Македонски Брод: Засегната е ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки на месноста Видуш, како и кај селата Драгов Дол и Локвица.
- Општина Кичево: Пожарот кај селото Тајмиште, на месноста Дарда, зафаќа високостеблеста букова шума.
- Општина Велес: Ниска вегетација и грмушки горат во близина на селото Караслари.
- Општина Липково: Активен пожар со ниска вегетација и шума е забележан кај селото Никуштак.
- Општина Куманово: Ниска вегетација гори на подрачјето на селата Кучкарево и Градиште.
Пожарникарите успеале целосно да ликвидираат четири пожари.
Изгаснати се огнот во селото Калугерци (Општина Радовиш), кај стадионот во населбата Фазанерија (Општина Гостивар), на месноста Ило Виларов (Општина Неготино) и во Ново Село (Општина Струга).


