Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција обвини дека СДСМ намерно го одолговлекува продолжението на собраниската надзорна расправа за „Алта банка“, откако во јавноста излегле информации за продажба на државни акции во 2023 година.
„СДС ја побара надзорната расправа за Алта банка, па откога излезе на виделина вистината, не го закажуваат продолжетокот. СДС и Филипче беа гласни за Алта банка, се до моментот кога се дозна во јавноста дека тие биле првите кои му продале акции на Мацура и на самата Алта банка“, изјави Манасиевски.
Тој побара одговор зошто во 2023 година тогашната власт не ги информирала граѓаните за оваа трансакција.
„Со денови молчат и не кажуваат зошто во 2023 година не излегоа на прес-конференција да ги известат граѓаните дека ќе ги продадат државните акции, на тие како што велат, криминалецот Мацура и неговиот сомнително стекнат капитал во Алта банка. Од страв дека може да се дознаат повеќе информации, продолжение на надзорната расправа во Собранието се уште не се закажува“, додаде портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски оцени дека со ова станува јасна политичката реторика на опозицијата. „Сега на граѓаните им е јасно зошто СДС и Филипче толку зборат за некаков српски свет во Македонија. Основоположници и негуватели на српскиот свет во Македонија се токму Филипче и СДС“, заклучи тој.

