Советот на Општина Пробиштип, на предлог на локалната самоуправа, донесе одлука со која младите брачни парови до 35-годишна возраст се ослободуваат од плаќање надоместок за уредување градежно земјиште (комуналии) при изградба на индивидуална станбена куќа, информираше градоначалникот Тони Тоневски.
Примената на оваа одлука официјално ќе започне од 1 јануари 2027 година.
„Овозможуваме конкретна поддршка за младите семејства, со цел полесно да го решат станбеното прашање, да создадат сопствен дом и да ја градат својата иднина тука, во Пробиштип. Нашата цел е да создадеме услови младите да останат тука, да формираат семејства и да ја гледаат својата иднина во нашиот град“, вели Тоневски.
Градоначалникот додава дека вложувањето во младите семејства претставува директна инвестиција во развојот, животот и иднината на Општина Пробиштип.

