Пратеничката и потпретседателка на СДСМ, Јована Тренчевска, побара политичка одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради, како што оцени, пропустите на институциите во постапувањето по случаи на насилство врз жени.
„Доста е од системски жртви, насилство врз жени, фемциди. Доста е од непостапувањата на Министерството за внатрешни работи, заштита на насилници и неказнивост само затоа што некој има врски со оваа власт“, порача Тренчевска на денешната прес-конференција.
Таа оцени дека Тошковски има најголема политичка одговорност за пропустите во превенцијата и постапувањето на МВР и порача дека одамна требало да поднесе оставка.
Осврнувајќи се на случајот со Сара од Охрид, Тренчевска рече дека тој повторно ги покажал слабостите на институционалниот систем и недоволната заштита на жените од насилство. Според неа, првичната реакција на надлежните била променета по силниот притисок од јавноста, граѓанските организации и опозицијата.
Таа побара проширување на истрагата и утврдување на одговорност не само за осомничениот, туку и за сите лица за кои постојат сомневања дека помогнале во прикривање на случајот или попречување на правдата.
„Бараме одговорност за сите пропусти и санкции за МВР, обвинителството и судот“, истакна Тренчевска.
Во обраќањето таа ги спомена и случаите на Биљана од Богданци, Росица од Велес, Рамајана од Шуто Оризари, како и Ивана и нејзината ќерка од Скопје, посочувајќи дека безбедноста на жените не смее да биде предмет на политички калкулации.
Од СДСМ бараат итно донесување на заклучоците од надзорната расправа, ставање на дневен ред на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените, како и итно свикување седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на која би присуствувале министерот Тошковски и јавниот обвинител Савески.
Тренчевска порача дека жените нема да молчат и дека ќе продолжат да бараат институционална и политичка одговорност.

