Македонија се наоѓа над европскиот просек според бројот на загинати во сообраќајни несреќи, покажуваат податоците за регионалната распределба на жртвите во сообраќајот во Европа за 2024 година. Во земјава биле евидентирани 78 загинати на еден милион жители, што е значително повеќе од просекот на Европската Унија, кој изнесува 45.
Споредбата со земјите од регионот покажува дека идентична стапка од 78 загинати на милион жители има и Србија. Во Албанија се регистрирани 74, додека Црна Гора бележи најнеповолни показатели во регионот, со дури 120 загинати на милион жители.
Статистиката на Евростат покажува дека во текот на 2024 година на патиштата во Европската Унија животот го загубиле вкупно 20.210 лица.

Најцрна статистика меѓу европските региони има бугарскиот Северозападен регион, каде биле регистрирани 148 смртни случаи на милион жители. На второ место е португалскиот регион Алентежо со 137 загинати, а потоа следуваат Гваделуп со 131 и Француска Гвајана со 114 загинати на милион жители. Корзика бележи стапка од 113, додека романскиот регион Југозападна Олтенија има 111 загинати на милион жители.
Сосема поинаква слика има во дел од европските региони. Во вкупно 15 региони на ЕУ стапката била под 20 загинати на милион жители. Најдобар резултат е забележан во финскиот регион Оланд, каде во текот на годината немало ниту една жртва во сообраќајни несреќи.
Меѓу регионите со најниска стапка се и Брисел во Белгија, со девет загинати на милион жители, Стокхолм во Шведска и Виена во Австрија со по 10, како и шпанските региони Мелиља и Сеута, со 11 и 12 загинати на милион жители.

