Со сведочење на ќерката на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко денеска продолжува судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Рочиштето се одржува во судницата во затворот „Идризово“, во рамки на Основниот кривичен суд Скопје.
На претходното рочиште, вештото лице од Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, изнесе забелешки за методологијата и опфатот на вештачењата ангажирани од одбраната на првообвинетиот. Тој укажа на селективен пристап, изоставување релевантни факти, како и навлегување во области за кои, според неговото образложение, вештото лице немало соодветна стручност.
Забелешки имаше и Јавното обвинителство во врска со предлогот за вештачење на Мирослав Грчев, како и со начинот на кој дел од одбраната планира да ги изведе доказите. Обвинителството оцени дека постојат тенденции за одолжување на постапката. Одбраната, пак, возврати дека редоследот на доказите досега бил менуван со согласност на странките и дека секоја одбрана самостојно ја утврдува својата стратегија и начинот на презентирање на доказите.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Судскиот процес започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по катастрофалниот пожар што избувна на 16 март истата година, за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

