Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека Франција, Германија, Велика Британија, Италија и Полска ќе ја претставуваат Европа во разговорите со Русија, заедно со Европската комисија, Европскиот совет и НАТО.
Како што истакна Зеленски во своето редовно обраќање, претставниците на овие институции и држави за првпат учествувале во разговорите меѓу украинскиот и американскиот тим.
Во разговорите преку видеоврска учествувале и американскиот претседател Доналд Трамп, специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Зеленски го оценил разговорот како тежок, посочувајќи дека следните чекори ќе бидат дефинирани во рамките на Коалицијата на подготвените и на состаноците во Берлин.
Зеленски бара дополнителни ракети за Украина
Осврнувајќи се на воената состојба, украинскиот претседател предупреди дека Русија добива десетици балистички ракети од Северна Кореја.
Тој ги повика европските земји да испратат дополнителни ракети за Украина и да ги обноват разговорите за начините на спречување и неутрализирање на руските балистички напади.
Зеленски смета дека заштитата од балистичките ракети останува едно од клучните безбедносни прашања за Украина.

