Општина Кисела Вода и Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, во соработка со ООУ „Кузман Шапкарев“, вечерва во Домот на култура во Драчево организираа панел-дискусија на тема: „Толеранцијата почнува со почит – заедно против сајбер булинг“.
Овој настан претставува континуитет на поширокиот процес против врсничкото насилство што локалната самоуправа го отвори и на кој му пристапува плански и долгорочно. Овој пат, фокусот беше насочен кон заштитата на младите во дигиталниот простор, преку подигнување на свеста за последиците од сајбер насилството и поттикнување на меѓусебна почит на интернет.
На трибината, пред присутните ученици, родители и наставници, свое обраќање имаше градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, која ја истакна важноста од заедничкото дејствување на институциите и семејството, како и активната улога на самите млади.
-Позади екраните, навредите, исмејувањето и исклучувањето често се невидливи за возрасните, но оставаат длабоки и реални лузни кај младите. Затоа пораката вечерва е јасна: да негуваме почит и во дигиталниот свет, да кажеме гласно „НЕ“ за онлајн насилството и секој од нас да биде подадена рака и поддршка за својот врсник, а не извор на болка и осуда. Особено сум горда на нашите ученици од Кисела Вода, кои не се само пасивни набљудувачи, туку активни креатори на промените. Тоа го докажаа и со нивното учество на реномираниот филмски фестивал „Киненова“, каде се претставија со сопствен филм против булингот, изработен токму од нив, со поддршка од режисер. Тие ни покажаа како уметноста и нивниот искрен глас можат да бидат најсилното оружје против насилството. Како локална самоуправа, нашата улога не е само да градиме инфраструктура, туку да градиме безбедна и здрава средина за растење на секое дете. Преку Општинскиот совет за превенција на детско престапништво, ние сме постојан партнер на училиштата, но знаеме дека оваа борба можеме да ја добиеме само преку синергија меѓу сите институции, семејството и граѓанскиот сектор. Затоа, особено ме радува што вечерва имаме извонреден состав на панелисти, експерти кои секојдневно се на првата линија во заштитата и едукацијата на младите. Нивното присуство вечерва е доказ дека системот и институциите се тука, отворени и подготвени да слушнат, да превенираат и да заштитат-порача градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
На панелот дискутираа релевантни експерти од институциите и граѓанскиот сектор кои директно работат на заштита и едукација на младите: Дорина Ѓорчева Митровска, проектен координатор во Македонски центар за граѓанско образование, Марија Ристеска, претставник од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје и доц. д-р Фики Гаспар, професор на МИТ Универзитет.
Преку конструктивна дискусија и споделување искуства од праксата, панелистите одговорија на бројни прашања од публиката, упатувајќи практични совети за препознавање, превенција и навремено пријавување на дигиталното насилство.
Настанот беше збогатен и со пригодна програма подготвена од учениците на ООУ „Кузман Шапкарев“, кои преку својот креативен израз испратија силни пораки за другарство, емпатија и меѓусебно почитување. Општина Кисела Вода и во наредниот период продолжува со реализација на слични едукативни активности во сите училишта на својата територија, со цел создавање безбедна средина за развој на секое дете.
- Трибина „Толеранцијата почнува со почит – заедно против сајбер булинг“ во општина Кисела Вода
- Хаџи Василева: Во обвинителствата недостигаат две третини од стручниот кадар
- Битиќи: Граѓаните живеат сè полошо, а Владата наместо развој нуди нови долгови и поскапи кредити
- Филипче: Под притисок на јавноста се смени одлука за насилникот од Охрид, потврда дека ништо не функционира
- Филипче: Протестот во Охрид е за сите жртви, да го искажеме гневот поради непостапување на институциите
- Кошта: Проширувањето на ЕУ ја прави Европа побезбедна, поконкурентна и поотпорна
- Трамп тврди дека Путин го ублажува ставот за Украина, но во фокусот на средбата со Си Џинпинг ќе биде нуклеарното вооружување
- Водата во Струга е забранета за пиење

