Проширувањето на Европската Унија е од стратешко значење за иднината на Европа, бидејќи придонесува за поголема безбедност, економска отпорност и зајакнување на геополитичката позиција на Унијата во светот. Ова го истакна претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Форумот за проширување на ЕУ во Брисел.
Кошта нагласи дека во услови на глобална неизвесност, кредибилната политика на проширување претставува важна инвестиција во мирот, стабилноста и економскиот просперитет на европскиот континент.
„Проширувањето ја прави Европа побезбедна, поконкурентна и поотпорна. Тоа им дава надеж на луѓето и отвора нови деловни можности“, порача Кошта, пренесува „Ројтерс“.
Тој потсети дека проширувањето низ историјата имало значајна улога во надминувањето на поделбите и создавањето заедничка европска иднина. Според него, Европската Унија е изградена врз темелите на помирувањето, мирот и меѓусебната соработка.
Претседателот на Европскиот совет посочи дека приемот на нови членки не е само во интерес на самата Унија, туку и исполнување на европските стремежи на милиони граѓани кои се определиле за демократија, слобода и соработка.
Пораките од Брисел доаѓаат во период кога прашањето за проширувањето повторно добива поголема геополитичка тежина, а иднината на европската интеграција останува едно од клучните прашања за стабилноста и развојот на континентот.

