Новата шефица на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, вели дека го нема телефонскиот број на премиерот Христијан Мицкоски, ниту на неговите претходници, но дека комуникацијата со претставници на извршната власт понекогаш е неопходна за работата на обвинителството.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, таа објасни дека обвинителството во одредени случаи мора да координира активности со повеќе институции и органи, поради што институционалната комуникација е нормален дел од работата.
„Јас лично немам број ниту од премиерот, ниту од сегашниот премиер, ниту од минати премиери, ниту пак од политичари. Меѓутоа, дали шефот на ’Организиран’ може да има комуникации и треба да има комуникација со претставници на институциите, во тоа немам дилема“, рече Хаџи Василева.
Таа нагласи дека мора да се внимава и на контактите со луѓе кои имаат влијание преку бизнисот или други центри на моќ. На прашањето дали има такви телефонски броеви во именикот, одговори негативно.
Хаџи Василева беше прашана и кому му должи за изборот на функцијата.
„Никому, освен на моите колеги кои ме гласале и кои мислеле дека јас сум изборот за шеф на ова обвинителство“, одговори таа, додавајќи дека изборот го доживува и како обврска кон јавниот интерес.
Во однос на можните лобирања за време на изборната кампања, таа рече дека слушнала за разговори во кулоарите и претпоставува дека имало лобирања, но не знае дали биле партиско-политички. Нагласи дека, според информациите до кои дошла, тие не биле во прилог на нејзината кандидатура.

