Министерството за внатрешни работи регистрирало 708 прекршоци за пречекорување на брзината за време на шестчасовна акциска сообраќајна контрола спроведена на територијата на целата држава.
Засилената контрола била реализирана вчера во периодот од 11:00 до 17:00 часот од страна на Секторот за сообраќајни работи при МВР. Од вкупниот број санкционирани возачи, 360 движеле со брзина поголема од дозволената надвор од населено место, додека 348 прекршоци биле измерени во населено место.
Во рамки на истата акција, полициските службеници констатирале и три случаи на кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик, како и дополнителни 98 прекршоци по други основи.
За сите утврдени неправилности биле преземени соодветни законски мерки.
Од МВР соопштуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период, упатувајќи апел до сите учесници во сообраќајот за почитување на ограничувањата:
„Секој живот е важен“

