Денеска во земјава ќе преовладува облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат поинтензивни и ќе надминат 25 литри на квадратен метар. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, во вечерните часови се очекува постепено престанување на врнежите.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој повремено ќе засилува, особено долж Повардарието.
Утринските температури ќе се движат од 6 до 10 степени, додека дневните ќе достигнат од 10 до 14 степени.
Во Скопје се очекува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, а температурата ќе се движи од минимални 8 до максимални 12 степени.
Во наредните денови следува промена на временските услови. Од утре времето ќе биде стабилно и суво, со променлива облачност. Во утринските часови, во одделни котлини ќе има услови за појава на магла.
Од петок се очекува намалување на облачноста, а за време на викендот ќе преовладува посвежо утринско време. Минималните температури на места ќе се спуштат и под нулата.

