Полскиот премиер Доналд Туск го обвини својот политички ривал, претседателот Карол Навроцки, за продолжувањето на хаосот во Уставниот суд, наведувајќи на платформата Икс дека постои можно решение и без промена на Уставот.
Туск напиша дека „претседателот ги признава судиите кои се законски избрани, бидејќи тоа е предвидено со Уставот“. Тоа, според него, би требало да им овозможи да започнат со работа во судот. Полскиот премиер, сепак, нагласи дека Навроцки досега наместо тоа го избрал патот на конфронтација со употреба на сила.
Долготрајната борба за власт меѓу двата главни политички блока околу пополнувањето на составот на Уставниот суд ескалираше во петокот, откако на веб-страницата на судот беше објавено дека актуелниот претседател на Судот Богдан Швенчковски и неговиот заменик привремено се разрешени од функциите. Во соопштението беше наведено дека судијката Ана Корвин-Пјотровска привремено ќе раководи со судот.
Конзервативната партија „Право и правда“ (ПиС), која управуваше со Полска од 2015 до 2023 година, според Туск, го пополни Уставниот суд со судии политички блиски до неа. По промената на владата во 2023 година, левоцентристичката коалиција на Туск се обидува да ги пополни испразнетите места во Уставниот суд.
Корвин-Пјотровска е една од петтемина нови уставни судии кои беа предложени од парламентот, но сè уште не можат да ја преземат функцијата и да започнат со работа бидејќи Навроцки одби да ги назначи. Петтемина судии положија заклетва пред парламентот, но Швенчковски потоа не им дозволи пристап до зградата на Уставниот суд.
Се очекува тензиите повторно да се зголемат утре, откако Корвин-Пјотровска за попладне закажа општа седница на сите уставни судии. Ова тело, меѓу другото, може да даде согласност за покренување кривична постапка против уставни судии, како и да одлучи дали некој судија треба да биде пензиониран поради трајна неспособност за извршување на своите должности.

