Во Владата денеска ќе се одржи дискусија посветена на годишниот извештај на Европската комисија за 2026 година, на која ќе се разговара за напредокот на земјата и спроведувањето на реформите.
На панелот под наслов „Извештајот на Европската комисија за 2026 – напредок и реформи“ ќе се обратат министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Бен Нупнау.
Дискусијата ќе ја модерира владината портпаролка Марија Митева.
Во пресрет на денешната панел-дискусија, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера се осврна на извештајот на Европската комисија преку објава на својот Фејсбук-профил, оценувајќи дека во него се нотирани напредокот на земјата и нејзината определба за членство во Европската Унија.
Муцунски посочи дека во извештајот е констатирано добро ниво на подготвеност и сериозен напредок во Поглавјето 31, кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, како и задржана целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Според него, Европската комисија позитивно ги оценила и исполнувањето на минатогодишните препораки, активниот политички дијалог со Унијата, како и напредокот во Поглавјето 30 – „Надворешни односи“. Во објавата тој ги издвојува и зголемената одбранбена подготвеност, поддршката за Украина и активното учество на земјата во меѓународните организации.
Муцунски оцени дека ваквите оценки ја потврдуваат земјата како кредибилен партнер на Европската Унија и ја потврдуваат нејзината стратешка определба за полноправно членство.

