Општина Илинден спроведува активности за обновување и подобрување на сообраќајната сигнализација на локалните улици и патишта, со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
Како што информираат од локалната самоуправа, во изминатиот период се обележани пешачки премини на повеќе улици во населените места Илинден, Марино, Кадино, Миладиновци и Текија.
Покрај тоа, обновена е хоризонталната сигнализација на неколку локални патни правци. Обележан е патот Илинден–Ајватовци–Мршевци во должина од 6 километри, како и делницата Марино–Кадино–Миладиновци–ОКТА, долга 7 километри.
Активности се спроведени и на улицата „3“ во Кадино, кон автопатот, во должина од 850 метри, на улицата „500“ во Марино во должина од 2,3 километри, како и на улиците „9“ и „2“ во Илинден, каде се обележани вкупно 2,6 километри.
Паралелно се поставува и нова вертикална сигнализација. На улицата „500“ во Јака се поставени 15 нови сообраќајни знаци, додека на улицата „9“ започнало поставувањето патни маркери. Во наредниот период е предвидено поставување и дополнителни сообраќајни знаци.
Од Општина Илинден посочуваат дека активностите ќе продолжат и во наредниот период, во рамки на напорите за подобрување на патната инфраструктура и побезбедно одвивање на сообраќајот.

