Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по повод една година од преземањето на функцијата, објави видео на Фејсбук во кое се осврна на сработеното во изминатиот период и проектите што биле реализирани во главниот град.
Ѓорѓиевски вели дека во изминатата година работел на издигнување на Скопје од хаосот во кој, како што наведува, се наоѓал градот пред неговото доаѓање на функцијата.
Тој во објавата порачува дека кога постои вистинска љубов кон градот и граѓаните, може да се најде пат и за решавање на проблемите кои со децении биле запоставувани.
Во видеото градоначалникот набројува дел од проектите и активностите на кои бил посветен неговиот тим во првата година од мандатот, посочувајќи ги како дел од напорите за подобрување на условите за живот во Скопје.
Ѓорѓиевски истакнува дека работата за градот продолжува и дека целта е Скопје да добие поуредена инфраструктура, подобри услови и нов лик.

