Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, во текот на оваа работна недела ќе оствари средба со претставници на Здружението „16 март 2025 Кочани“, со цел да се разгледаат можностите за организирање настани по повод претстојните новогодишни и божиќни празници во градот.
Целта на средбата е преку разговор и меѓусебна координација да се дефинира заеднички пристап кон одбележувањето на празничниот период, притоа имајќи ја предвид чувствителноста на атмосферата во градот по трагедијата што длабоко го погоди Кочани.
„Сите активности и настани околу новогодишните и божиќните празници би сакал да ги договорам со нив. Ништо нема да направам без да се консултирам со членовите на „16 Март“. Откако ќе ја реализираме средбата заеднички ќе излеземе во јавности со она што сме го договориле за празниците што претстојат“, најави Грозданов.
На средбата се очекува да бидат разменети мислења и предлози за празнични содржини кои ќе бидат целосно соодветни на околностите и чувствата на семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“, како и на целата локална заедница.

