Предлозите и приоритетите на жителите на Кисела Вода ќе бидат земени предвид при креирањето на општинскиот Буџет за 2027 година. Градоначалничката на Општина Кисела Вода информира дека е започната финалната фаза на подготовка на буџетскиот документ, во кој треба да бидат вметнати конкретни проекти и програми врз основа на барањата на граѓаните.
Таа денеска одржала координативен состанок со раководителите на општинските сектори, на кој биле разгледани досега собраните предлози, потреби и приоритети од жителите, како и проектите предвидени во нејзината програма.
Како што информира, во изминатиот период биле реализирани теренски посети во сите месни и урбани заедници, при што биле мапирани проблемите и потребите на жителите. Дополнително, биле одржувани директни средби со граѓаните, а преку иницијативата „Вашата месна заедница – прва станица за секој проблем!“ била зајакната комуникацијата со сите 15 месни заедници.
Во процесот на подготовка на буџетот биле организирани и два отворени буџетски форуми во соработка со Finance Think, под мотото „Предложи, дискутирај, приоритизирај“. Форумите се одржале во Домот на културата во Драчево и во Домот на културата „Билјана Беличанец“.
Граѓаните имале можност своите предлози да ги доставуваат и електронски, со што, според градоначалничката, била овозможена поширока вклученост во утврдувањето на развојните приоритети на општината.
Финализацијата на буџетот сега продолжува со општинските сектори, при што собраните иницијативи треба да добијат конкретна финансиска и проектна рамка.
Целта, како што посочува градоначалничката, е Буџетот за 2027 година да биде развоен документ што ќе одговори на реалните потреби на жителите во сите населби на Кисела Вода.

