Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција обвини дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и опозициската партија продолжуваат да шират невистини во врска со работењето на „Алта банка“ и намерно ја избегнуваат најавената надзорна расправа.
Според Манасиевски, опозицијата без никаква одговорност пласирала манипулации со кои се обидела да го наруши угледот на банкарскиот сектор и да создаде паника кај граѓаните, додека реалноста покажала дека токму тие први соработувале со истата банка.
„Филипче и СДС и натаму лажат дека Алта банка имала забрана за работа во ЕУ. Не сносејќи никаква одговорност, се расфрлаа со лаги, манипулации и со нивните јавни говори се обидоа да го девалвираат банкарскиот систем“, изјави Манасиевски.
Тој додаде дека сите тврдења на опозицијата за наводна неликвидност и пропаѓање на банката се покажале како неточни, посочувајќи дека СДСМ бега од соочување со фактите во Собранието.
„Излажаа за забраната на Алта банка, излажаа дека банката е неликвидна, дека ќе пропадне, дека граѓаните ќе останат без своите пари и што ли уште не излажаа. За на крајот да испадне дека сето тоа што го говореа е лага. Да излезе, дека тие биле првите кои влегле во деловни односи со Алта банка и Давор Мацура. Затоа денес бегаат од надзорната расправа и бегаат од вистината која излезе на виделина“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
На крајот од обраќањето, Манасиевски оцени дека однесувањето на опозицијата произлегува од нивните претходни постапки:
„Бегаат затоа што знаат што правеле и мислат дека и другите ќе прават како нив. Едноставно кај Филипче и СДС работи Фројд“, порача Манасиевски.

