Во Скопје започна акција за засадување 3.500 нови садници, а до крајот на сезоната градот треба да добие вкупно 6.000 нови дрвја, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Акцијата ќе ги опфати сите скопски општини, а дрвјата ќе се садат во постојните и новите паркови, зелените површини покрај булеварите и другите јавни простори низ градот.
„Секое ново дрво е влог во градот во кој живееме и во иднината на нашите деца. Повеќе сенка за летните денови, почист воздух и повеќе зелени места за прошетки, игра и дружење“, порача Ѓорѓиевски.
Според градоначалникот, целта е обновување на градското зеленило, подобрување на животната средина и создавање повеќе уредени јавни простори за граѓаните.
Ѓорѓиевски најави дека озеленувањето ќе продолжи и во наредниот период, нагласувајќи дека почисто и позелено Скопје останува еден од неговите приоритети.

