Град Скопје ги повикува сите деца и млади до 18 години да се вклучат во новогодишниот конкурс „Скопје ги слуша детските желби“ и да ги споделат своите желби во пресрет на дочекот на Новата 2027 година.
Конкурсот започнува денеска и ќе трае до 1 декември, а преку него најмладите скопјани ќе имаат можност да ги испратат своите новогодишни пораки и да станат дел од празничните активности во градот.
За учество, потребно е децата да ја испратат својата новогодишна желба, заедно со име и презиме, возраст, податоци за родителот и контакт-информации. Задолжително е да се достави и потпишана согласност, која може да се преземе од официјалната интернет-страница на Град Скопје.
Желбите и согласноста треба да се испратат на електронската адреса: Poddrskanagradonachalnik@skopje.gov.mk.
Од Град Скопје информираат дека пристигнатите пораки ќе бидат вклучени во новогодишните содржини и ќе придонесат за создавање и збогатување на празничната атмосфера во главниот град.
Целта на иницијативата е да им се даде простор на најмладите да ги изразат своите желби, идеи и креативност, но и активно да учествуваат во создавањето на новогодишниот дух на Скопје.

