Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информира дека надворешната политика на Северна Македонија повторно добила позитивни оценки во Извештајот на Европската комисија за 2026 година, особено во делот на усогласеноста со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија.
Според оценките на Европската комисија, земјата покажува добро ниво на подготвеност и напредок во Поглавјето 31, кое се однесува на надворешната, безбедносната и одбранбената политика. Притоа, е констатирано дека Северна Македонија ја задржала целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Како што посочува Муцунски, Европската комисија оценува дека ваквата усогласеност испраќа силна порака за стратешката определба на земјата за членство во Унијата и ја потврдува нејзината позиција како доверлив партнер. Во извештајот се наведува и дека препораките од претходната година во голема мера се спроведени, а политичкиот дијалог со ЕУ за надворешните и безбедносните прашања продолжува активно.
Позитивна оценка е дадена и во Поглавјето 30 – „Надворешни односи“, каде што е забележано високо ниво на подготвеност, усогласување со трговската политика на ЕУ и активен придонес во регионалната економска соработка.
Во извештајот се нотирани и зголемената одбранбена подготвеност на земјата, поддршката за Украина, како и активното учество во работата на Обединетите нации, Советот на Европа и ОБСЕ.
Муцунски оценува дека овие наоди ја потврдуваат надворешнополитичката ориентација на државата, нејзината определба за европска интеграција и континуитетот во усогласувањето со политиките на Европската Унија.

