Општина Кисела Вода продолжува со консултациите со граѓаните за подготовка на општинскиот буџет за 2027 година. По средбата во Драчево, синоќа беше одржана и јавна дискусија во Домот на културата „Билјана Беличанец“, на која жителите имаа можност да ги посочат потребите на своите населби и да предложат конкретни решенија.
Градоначалничката им се заблагодари на сите граѓани кои присуствувале на средбата и активно се вклучиле во дискусијата, нагласувајќи дека нивните предлози и идеи ќе помогнат во утврдувањето на приоритетите за развој на општината.
Процесот се реализира во соработка со Finance Think, под мотото „Предложи, дискутирај, приоритизирај“, со цел граѓаните директно да учествуваат во одредувањето на буџетските приоритети.
За оние кои не биле во можност да присуствуваат на јавните средби, останува отворена можноста своите предлози да ги достават и електронски преку следниот линк: https://tinyurl.com/PrijaviProblem.
Од Општината посочуваат дека секој предлог е важен за утврдување на реалните потреби на жителите и планирање на идните инвестиции и активности.
Процесот се спроведува во рамки на проектот „Граѓански надзор: Премостување на јазот помеѓу политичките ветувања и остварувања во четири развојни области“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas.

