Шест државни институции денеска ќе потпишат Меморандум за соработка со кој треба да се унапреди меѓуинституционалната координација и да се овозможи побезбедна и поефикасна размена на податоци во борбата против организираниот криминал, корупцијата, перењето пари и финансирањето тероризам.
Меморандумот се потпишува во рамки на проектот „Воспоставување систем за евиденција, податоци и управување со предмети на органите на прогонот“ (LERMS), финансиран од Европската Унија.
Документот ќе го потпишат претставници на Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и Агенцијата за управување со одземен имот.
Преку проектот LERMS се воспоставува заедничка, автоматизирана и одржлива платформа која ќе ги поврзе шесте институции и ќе овозможи сигурна размена на информации, автоматизирано статистичко и аналитичко известување, како и следење на предметите во сите фази од кривично-правниот процес.
Системот ќе овозможи следење на случаите од предистражните активности и поднесувањето кривични пријави, преку обвинителските и судските постапки, па сè до финансиските истраги и постапките за одземање и конфискација на имот.
Очекувањата се дека со ваквиот пристап ќе се подобрат координацијата, ефикасноста и отчетноста на институциите во постапувањето по предметите поврзани со сериозен криминал.
На настанот се најавени обраќања на претставничката на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Роберта Кортезе, јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Ненад Савески, и заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени. Ќе присуствуваат и директорите и раководителите на шесте институции кои го потпишуваат меморандумот.

