Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) денеска организира тркалезна маса во рамки на проектот „Чист воздух за потрошувачите: Подигнување на одговорноста на бизнисите во Скопје“, кој се реализира со финансиска поддршка од Фондот за чист воздух (Clean Air Fund), преку меѓународната организација Consumers International.
Настанот има за цел да отвори дијалог меѓу компаниите од транспортниот и енергетскиот сектор, надлежните институции, локалната самоуправа, експертите и претставниците на потрошувачите за поголема одговорност и транспарентност во справувањето со загадувањето на воздухот во Скопје.
Посебен акцент ќе биде ставен на можностите за преземање конкретни мерки од страна на компаниите и институциите, со цел намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на воздухот во главниот град.
Во рамки на тркалезната маса ќе бидат презентирани резултатите од истражувањето за ставовите и искуствата на потрошувачите, досегашната комуникација со компаниите и нивните одговори, како и Водичот за граѓаните за чист воздух.
Од ОПМ посочуваат дека преку оваа иницијатива сакаат да ја зајакнат улогата на потрошувачите и да поттикнат поголема вклученост на бизнис-секторот во напорите за почиста животна средина.

