Третото основно јавно обвинителство во Белград отвори истрага за враќањето на летот JU134 на „Ер Србија“ на релација Белград – Москва, што се случи во вторникот вечерта. Причина за акцијата е безбедносен пропуст при контролата на патниците, откако едно лице минало низ контролниот пункт во придружба на припадник на БИА и покрај тоа што се активирал алармот.
Според информациите од обвинителството, полицијата го известила дежурниот обвинител во вторникот во 20:26 часот, а снимките од надзорните камери потврдиле дека патникот ја минал контролата без дополнителна проверка. Сепак, фактот дека алармот се огласил бил донесен до знаење на обвинителот дури преку официјалниот полициски извештај доставен на 4 ноември 2026 година.
По добивањето на овие податоци, обвинителството побарало комплетна документација, видеоснимки и сослушување на сведоци за да се утврди дали постојат елементи на кривично дело кое се гони по службена должност. Од таму појаснуваат дека евентуалните процедурални пропусти и одговорноста на аеродромските служби се во надлежност на други институции.
Авионот полетал од аеродромот „Никола Тесла“, но бил принуден да се врати и слетал во Белград нешто пред 22 часот. Меѓу патниците во леталлото се наоѓале и познати политичари – Александар Вулин, Душан Бајатовиќ и Ненад Поповиќ, додека идентитетот на патникот чиј аларм се активирал сѐ уште не е јавно објавен.

