Четири контејнери биле опожарени од непознати сторители во текот на изминатиот викенд во скопските општини Аеродром и Чаир, по што истите веднаш биле заменети со нови садови за отпад за да не се наруши динамиката на собирање и транспорт на сметот, информираат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.

Според информациите од јавното претпријатие, станува збор за два пластични контејнери лоцирани во населбата Ново Лисиче и два метални контејнери поставени на булеварот „Македонско-косовска бригада“. Од претпријатието упатија повик за заштита на урбаната опрема и најавија дека случаите се веќе процесирани кај институциите:
„ЈП Комунална хигиена-Скопје апелира да престане уништувањето на садовите за одлагање отпад, со цел екипите на Претпријатието да можат навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен, согласно Оперативната програма за работа. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени до надлежните органи и се очекува да бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите“, стои во соопштението.
Паралелно со санирањето на штетите, екипите на претпријатието во текот на минатата недела отстраниле вкупно 760 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад од диви депонии на јавни и сообраќајни површини низ сите скопски општини. Најголем обем на работа имало во општината Центар, каде биле подигнати 190 кубни метри отпад.




Во соопштението се посочува и на тековните едукативни активности наменети за најмладите жители на главниот град:
„Воедно, во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во општината Кисела Вода, беа реализирани еко-предавања за правилно постапување со отпадот и придобивките од неговата примарна селекција. Со едукативните активности беа опфатени вкупно 100 ученици од четвртите одделенија во училиштето“, додаваат од ЈП Комунална хигиена.

