Вицепремиерот Александар Николоски престојува во работна посета на Виена, Австрија, каде учествува на 23. Виенски економски форум, посветен на регионалната економска соработка, европската интеграција и стратешките предизвици.
Форумот годинава се одржува под мотото „Виенски дијалог за иднината 2026 – заедничка визија за заедничка иднина, стратешки предизвици“.
Во рамки на настанот, Николоски ќе има свое обраќање на панел-дискусијата „Заедничка визија за долгорочна економска соработка“, на која ќе ги претстави економските политики на земјава и можностите за продлабочување на соработката со државите од регионот.
Предвидено е да се осврне и на стратешките инфраструктурни проекти што се реализираат во Македонија.
На Форумот учествуваат членови на Бордот на Виенскиот економски форум, министри од земјите на Западен Балкан, претставници на Европската Унија и високи претставници на меѓународни финансиски институции.
Покрај економската соработка, во фокусот на дискусиите ќе бидат и предизвиците поврзани со европската интеграција и проширувањето на Европската Унија.
Виенскиот економски форум е насочен кон унапредување на регионалната економска соработка и развојот на економиите од Јадранското до Црното Море, како дел од поширокиот европски и глобален економски простор.

