Димитров: Правото на самоопределување не може да го спори никој

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на денешната прес конференција во СЕП најави интензивни дипломатски напори за излез од ситуацијата меѓу Македонија и Бугарија.

 

Димитров посочи дека одржани се 10 физички средби и решени се прашања од античкиот, средновековниот и дел од отоманскиот период како и дека е постигната согласност за пет историски личности од двете страни. Затоа работата на македонско бугарската експертска комисија тој ја оцени како успешна.

„Ако референтната точка за работата на вакви комисии се компаративните искуства на другите држави, германско-француските, германско-полските и други, каде овие комисии работат со децении, мислам дека македонско-бугарската комисија работи продуктивно и со полна пареа. Вчера разговарав со членовите од нашата страна, според кои постигната е многу важна препорака во делот на историските учебници и утврдена е динамиката, до крај на годинава да имаат уште една средба и пет следната година. Процесот што го почнавме со Договорот за пријателство е исклучително комплексен и благороден – во преамбулата на Договорот повеќепати се споменува разбирањето, а во членот 2 се говори за обврската на Бугарија да ни помага на нашиот европски пат и ние сме целосно посветени на имплементација на секоја од тие одредби“, рече Димитров.

Тој додаде дека одлуката за старт на преговорите со ЕУ ќе биде или заеднички успех или заеднички неуспех, пред се на Европа, a најави и дека ќе се направат напори во декември да се одржи првата меѓувладина конференција со Унијата, чиј почеток во ниту еден случај не смее да зависи од идентитетските прашања.

Коментирајќи ги заканите за вето од Бугарија, вицепремиерот се повика на Договорот за добрососедство.

– Таму не е оспорено правото на самоопределување. Напротив, доколку се оспорува, тогаш тука нема пријателство, дециден е Димитров.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.10.2020 - 13:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега