Аеродромот во Катанија ќе остане затворен најмалку до петок во два часот по полноќ поради зголемената активност и исфрлањето пепел од вулканот Етна, јави германската агенција ДПА.

Одлуката за прекин на летовите беше дополнително продолжена, откако претходно операторот на аеродромот најави суспензија до четврток во 16 часот. Од раководството нагласуваат дека не се исклучуваат нови одложувања.

Сообраќајниот хаос се случува во самиот шпиц на туристичката сезона, а последиците ги чувствуваат илјадници патници кои се соочуваат со откажани летови, преполни возови и драстично зголемени цени за превоз до алтернативните аеродроми.

Вулканските облаци од пепел го зафатија и воздушниот простор над Малта, каде што исто така има прекини и откажувања на летовите.

Според италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија (INGV), Етна од петокот исфрла големи количини пепел и врели карпи, а од два отвори на надморска височина од 2.360 и 2.750 метри се движат густи лавински текови, на кои во меѓувреме им се приклучија уште два нови.

Exit mobile version