Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи (МВР) изврши проверки по објавен статус на социјалната мрежа „Фејсбук“ од лицето М.М., со кој беа изнесени наводи за неправилности во постапувањето на полициски службеници при сообраќајна незгода во Скопје во која нејзиниот син, како пешак, се здобил со повреди.
Како што соопшти МВР, во рамки на проверките биле извршени разговори со полициските службеници и со учесниците во незгодата, при што е утврдено дека екипата од Одделението за увиди на сообраќајни незгоди при СВР Скопје по пријавата излегла на терен, ги презела потребните службени дејствија и веднаш по увидот го известила надлежниот јавен обвинител, за што е доставено и писмено известување до Основното јавно обвинителство Скопје. Во однос на наводите дека другиот учесник имал влијание врз полицијата, утврдено е дека таа на 3 ноември годинава била оштетена во друга сообраќајна незгода на која увид вршеле истите полицајци, па нивното препознавање можело да создаде впечаток за претходно познанство и влијание.
Дополнително, преку анализа на снимки од безбедносните камери на МВР и на правно лице е утврдено дека возачот не го напуштила местото на настанот до завршување на увидот, туку по ударот само го поместила возилото од пешачкиот премин во десната сообраќајна лента на улицата „Париска“, а по комплетирањето на документацијата СВР Скопје ќе поднесе соодветна пријава против Н.Т. до надлежното јавно обвинителство.

