Низа случаи на насилство низ земјава биле пријавени во полицијата во изминатото деноноќие. Меѓу инцидентите има физички напади врз малолетници, семејно насилство, напади врз родители и партнери, како и закани и напади со остар предмет.
Во Струмица, полицијата поднела известување согласно Законот за правда за децата против три деца, поради сомнение за извршено насилство врз друго дете. Настанот се случил на 16 октомври во училница во основно училиште во Ново Село, каде што, според пријавата, трите деца физички го нападнале својот врсник и му нанеле повреди.
Случаи на семејно насилство биле регистрирани во повеќе градови. Во Тетовско бил приведен маж осомничен дека ја нападнал сопругата. Во Струга, 38-годишен маж се соочува со кривична пријава поради напад врз татко му и упатување закани. Во Прилеп бил приведен 61-годишник кој ја нападнал својата 81-годишна мајка, додека во општина Чашка 34-годишен маж ја нападнал својата 26-годишна вонбрачна сопруга.
Во Скопје биле приведени 47-годишен маж и 42-годишна жена, по пријава дека подолг период физички и психички ги малтретирале своите три малолетни деца. Во одделни случаи, полицијата привела и 32-годишен маж кој ја нападнал 64-годишната мајка и оштетил дел од покуќнината, како и 42-годишен маж осомничен за напад врз партнерката. Пријавен е и случај во кој 47-годишна жена ја нападнала својата 19-годишна ќерка и ѝ се заканувала со остар предмет.
Насилство врз дете било пријавено и во Охрид. Кривична пријава е поднесена против тројца жители на Битола, кои на 23 август во Пештани физички нападнале маж додека во рацете го држел своето малолетно дете. При нападот, телесни повреди добило и детето.
Во Радовиш бил приведен 54-годишен маж, кој, според пријавата, со остар предмет нападнал 19-годишно момче од Градашорци. Во општина Долнени, пак, бил приведен 25-годишник поради напад врз неговиот 50-годишен татко.
Полицискиот билтен бележи и други инциденти. Во скопското село Ќојлија, маж пријавил дека бил физички нападнат по претходно недоразбирање во сообраќајот, додека во Сарај друг жител пријавил напад пред обложувалница. Пријавени биле и закани кон малолетничка и нејзината баба, по расправија поврзана со наводно скршен мобилен телефон.
Од МВР информираат дека за дел од случаите се преземаат мерки за нивно целосно расчистување и документирање, по што ќе бидат поднесени соодветни пријави до надлежните институции.

