Големата акција за чистење на Скопје продолжува денеска на повеќе од 50 локации низ градот, со учество на волонтери, јавните претпријатија, градоначалниците на општините, ученици и граѓани.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати повик до граѓаните да се приклучат, да изберат локација во својата општина и да ги мотивираат и соседите да учествуваат во акцијата.
„Заедно со волонтерите, јавните претпријатија, градоначалниците, учениците и сите што го сакаат Скопје излегуваме на терен. Изберете локација во вашата општина и повикајте некој од соседите да дојде со вас. Да почнеме од паркот каде што си играат нашите деца, од улицата по која секое утро одиме на работа, од маалото што го викаме дома“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Акцијата е дел од редовните активности за одржување на хигиената во градот, кои се организираат секоја втора недела во месецот.
Градоначалникот порача дека грижата за чистотата не треба да заврши со организираните акции, туку да стане секојдневна навика и одговорност на секој граѓанин.
„Заедно да го исчистиме Скопје, а секој ден да го чуваме“, порача Ѓорѓиевски.

