Формирање посебна служба, воспоставување национален диспечерски центар и воведување стандарди за тријажа за процена на итноста на пациентите се дел од посистемските промени што ги бара Итната медицинска помош,порача денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Запрашан за кадровската екипираност на скопската Итна медицинска помош, која функционира со по пет тима во една смена, Клековски истакна дека ресорното министерство веќе изготвило анализа за предизвиците во оваа дејност, при што недостигот на човечки ресурси е издвоен како еден од најголемите проблеми.
- Итната медицинска помош бара посистемска промена. Ние имаме комплетна анализа за предизвиците што ни претстојат таму, покрај одвојувањето во посебна служба, градењето на национален диспечерски центар со соодветни стандарди за тријажа, кој пациент е итен, кој не е итен, и изедначено постапување на сите тимови – рече Клековски.
Според податоците од анализата, до 2030 година во пензија ќе заминат околу 300 вработени во Итната медицинска помош низ целата земја, за кои ќе мора да се обезбеди замена.
За ублажување на дефицитот на кадар, Министерството подготвува законски измени со кои се предвидува воведување на новата функција парамедик, што според министерот делумно ќе помогне во пополнувањето на празните места.
Коментирајќи ги прашањата за евентуален недостиг на лекови на Клиниката за онкологија, Клековски посочи дека обезбедувањето на терапијата и медикаментите е директна одговорност на директорот на клиниката и дека одговорите треба да се побараат од него.
За децентрализацијата на онколошката терапија, министерот потсети дека темата е отворена подолг период и дека во изминативе две години преку конкретни позитивни примери се обидувал да докаже оти ваквиот модел на организација е изводлив.
Како успешен модел ја наведе Клиниката за неврологија, каде што пациентите со мултипла склероза веќе ја добиваат својата терапија децентрализирано.
- Се обидов изминатите две години преку поставување позитивни примери, како што е на Клиниката за неврологија со терапијата за мултипла склероза, на сите да им покажеме дека тоа е возможно, дека не е тоа ракетна наука – рече министерот.
Според неговата оцена, и покрај ваквите примери, сè уште постои отпор кон децентрализацијата, поради што здравствениот систем останува заглавен во статус-кво ситуација.
Клековски очекува раководствата на јавните здравствени установи — особено на клиничките болници во Тетово, Битола и Штип, кои веќе располагаат со онколози — да се ангажираат овој процес да се спроведе во најкраток рок.
- Со докажување дека е возможно, значи веќе имаме успешни примери на децентрализација. Се надевам дека директорите на соодветните јавни здравствени установи, тука пред сè мислам на клиничките болници Тетово, Битола, Штип, каде што има онколози, ќе го осмислат тоа да биде направено во најбрзо време – истакна Клековски.

